Франција може да воведе „ваучери за бензин“ за луѓе со ниски приходи

од Nikola Popovski
463 прегледи

Францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер изјави денеска дека ја поддржува идејата за дистрибуција на „ваучери за бензин“ за да им помогне на домаќинствата со ниски приходи да се справат со зголемените цени на горивото.

Според министерот, оваа мерка е подобра од намалувањето на даноците за бензин.

„Претпочитам ваучери за бензин отколку намалување на даноците“, рече Ле Мер за француското радио „Европа 1“.

Француската министерка за животна средина, Барбара Помпили, од своја страна, изјави за телевизијата „Франс 2“ дека владата се обидува да ги воведе „ваучерите за бензин“ за кои станува збор, но тоа е комплициран процес.

Министерот за финансии Бруно Ле Мер, исто така, истакна дека француската држава може да добие дополнителни 2,5 милијарди евра приходи од ДДВ за 2021 година, доколку цените на енергијата останат на сегашното високо ниво. Тој појасни дека ова всушност не се дополнителни фискални приходи за државната каса, бидејќи веќе потрошила повеќе од 5 милијарди евра за да им помогне на домаќинствата да ги платат сметките за греење.

Намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) или внатрешниот данок на потрошувачка на енергија (TICPE) „не е вистинската опција“ за справување со моменталната ситуација, рече Ле Мер. Според него, ова може да доведе и до „задушување“ на економскиот раст и намалување на даночните приходи.

„Намалување од еден цент на цената на литар гориво значи половина милијарда евра помалку даноци за државната каса“, додаде францускиот министер за финансии.
Моментално се обезбедени ваучери за енергија за скоро 5,5 милиони домаќинства во Франција.

Слични содржини