Поранешниот фудбалер на Барселона, Емануел Пети откри дека поранешниот лидер на каталонците Пеп Гвардиола не бил во најдобри односи со холандските фудбалери во тимот.
„Во соблекувалната имаше многу несогласувања меѓу Гвардиола и холандските играчи, главно за политика. Ние бевме неверојатно талентирани. Сепак, јадрото на тимот беше премногу старо, и имавме многу проблеми надвор од теренот. Играв 30 натпревари за Барселона и подобро е да заборавам на оваа сезона“, рече Пети.
Пети играше за Барселона во сезоната 2000/2001. Тогаш во каталонскиот тим имаше шестмина Холанѓани – Михаел Рајцигер, Франк де Бур, Филип Коку, Патрик Клајверт, Марк Овермарс и Бодуин Зенден.
Францускиот репрезентативец е Светски шампион од 1998, откако го одбележа третиот гол против Бразил. Пети е исто така европски шампион од Евро 2000. Тој исто така учествува во Евро 92 и Светското првенство 2002 година.