
Француската влада има тенденција привремено да го повлече својот проект за пензиски реформи, мерка што ќе ги присили Французите да работат до 64 години, за да се пензионираат со целосна пензија и што едногласно беше одбиено од француските синдикати. Токму оваа мерка предизвика бран протести и штрајкови во Франција, што траат веќе петта недела.
Премиерот Едуард Филип во писмото упатено до француските синдикати и француските организации на работодавците објави денеска дека владата е склона на отстапки.
„За да ја потврдам мојата доверба кон социјалните партнери и да не се мешам во исходот од нашата работа, јас сум склон да ја повлечам од предлог-законот мерката што ја предложив“, се вели во писмото на Филип.
Додава дека социјалните партнери мора да постигнат согласност, за да обезбедат баланс на пензискиот систем во 2027 година.
Според планот на Филип, возраста за пензионирање за целосна пензија требаше да се зголеми од сегашните 62 на 64. Сега тој вели дека е подготвен да се повлече, но доколку се исполнат одредени услови.
Денес во Франција повторно имаше протести против пензиската реформа. Судири меѓу демонстрантите и органите за спроведување на законот се случија на неколку места во Париз. Неколку стотици „жолти елеци“ и маскирани луѓе се појавија меѓу демонстрантите, кои почнаа да кршат прозорци од продавниците по протестниот марш што тргна од Плоштадот на нацијата до Плоштадот на Републиката.
Предмети беа фрлени кон полицијата, а тие одговорија со солзавец.