Францускиот предлог е ист како претходниот, вели Димитров

од Nikola Popovski
168 прегледи

Поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров попладнево објави дека модифицираниот француски предлог всушност е истиот предлог, како што вели, “со кој можеби ќе ги отвориме преговорите со ЕУ ако го смениме Уставот, ама никогаш нема да ги завршиме“.

-Прво, ако во претходното пакување, преговорите ќе се отвореа по измените на Уставот, сега отворањето ќе почне веднаш, штом се потпише протоколот, ама пак условено оти пишува дека преговорите ќе се до-отворат по внесувањето на Бугарите во Уставот. Значи нашиот почеток е на две рати. Две рати само за да почнеме. А вистински почеток секако нема додека не се направат уставните измени, бидејќи преговарачката рамка ќе се презентира дури тогаш, обелодени Димитров.

Според него, втората “измена” пак е целосна измама.

-Ако во претходното пакување историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваа во пристапниот процес преку “билатералните протоколи” по член 12 од договорот за пријателство, сега историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн., ќе се внесуваат преку “годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот“.

Се работи за апсолутно истите документи, само називот е сменет – сега не се протоколи туку прегледи и мерки, но црно на бело стои член 12 со што НЕМА дилема на што се однесува. Тоа е членот каде се вели дека македонско-бугарската меѓувладина комисија еднаш годишно ќе се состанува, ќе врши преглед на направеното и примена на мерки, донесувајќи документ што досега го викавме протокол. Ова е еден срамен обид и од дома, ама и од ЕУ, можеби на сугестија од дома, да се замачкаат очите на македонските граѓани нарекувајќи ги со друг назив истите обврски што мораме да ги преземеме и што сега стануваат обврски спрема ЕУ и за што ќе известува европската комисија, потенцира Димитров.

Поранешниот шеф на дипломатијата вели бугарските барања за историјата и за многу други теми, целосно си остануваат во рамката и стануваат европски барања, како што си беа и во претходното пакување.

-Нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби. И токму затоа, одговорно тврдам дека овој пат е слепа улица, што никогаш нема да не’ донесе до посакуваното членство. Тоа е пат кон вечна агонија и измачување. Преседан што ќе го осетат на своја кожа и други земји кандидати по нас.  Околу македонскиот јазик, и во ова пакување како и во претходното, ЕУ ќе констатира дека Бугарија ќе си достави (или сега си доставила) своја позиција за НАШИОТ јазик. Софија преамбулата ќе ја чита со Бугарите и сите други, но ќе го прескокнува делот со македонскиот народ, објави меѓу другото Димитров.

 

Слични содржини