Ѕвездата на Пари Сен Жермен, Лионел Меси пропушти можност да постигне гол на дербито против Монако во неделата вечерта, а асистенцијата до двојниот стрелец Килијан Мбапе беше недоволна да ја добие наклонетоста на француските медиуми.
Благодарение на Мбапе, ПСЖ на „Паркот на принцовите“ славеше против Монако со 2:0, но играта на Меси сепак беше под најголем лупа на француската јавност.
Стандардно, најголемите напади дојдоа од „Л’Екип“, чиј новинар му даде скромна четворка, проценувајќи дека „Аргентинецот се изгубил на теренот“.
Уште полошо помина Вајналдум, исто така овогодишното големо засилување на „светците“. Холанѓанецот беше оценет со тројка, што заедно со Меси го одбележа како најлош поединец во победата над Монако.
И тренерот Маурисио Почетино по натпреварот изјави дека има простор за напредок.
„Натпреварот можеше да биде многу подобар. Правиме мали чекори. Имаме силен тим со посебен квалитет, но за да постигнеме големи резултати мораме да направиме големи чекори. Идеалното сценарио е да доминираме 90 минути. Тоа е наш предизвик!“, порача Почетино по мечот.
Дека на Меси му е тешко во Париз забележа и поранешниот соиграч во Барселона, Тиери Анри, кој посочи дека му треба уште време да се навикне на новата средина.
„Верувам во него. Истото го чувствував и кога се преселив од Арсенал во Барселона. Никогаш не замислував дека ќе го напуштам Арсенал. Со преселбата во Барса стигнав до голем клуб и град, но ми требаше време да го прифатам овој трансфер“, рече Анри.