Неколку илјади луѓе се собраа денес низ Франција во чест на убиениот учител, кој беше обезглавен во близина на Париз, откако тој разговараше со своите ученици за карикатурите на пророкот Мухамед. На демонстрантите им се придружи и францускиот премиер Жан Кастекс.
Францускиот премиер демонстрираше со граѓани, здруженија и синдикати на плоштадот Република во Париз, во знак на поддршка на слободата на говорот и во спомен на 47-годишниот убиен учител.
Покрај премиерот, на денешниот собир присуствуваа и градоначалникот на Париз, Ан Идалго, лидерот на радикалната левица, Жан-Лук Меланшон и претставничката на десницата во локалната власт на Париз, Валери Пекрес.
Демонстрантите се собраа во поголемите француски градови, вклучувајќи ги Лион, Тулуз, Стразбур, Нант, Марсеј, Лил и Бордо.
Насобраните денес носеа транспаренти „Јас сум Симуел“ и извикуваа „Слобода на изразување и слобода на наставата на училиште!“.
Некои демонстранти држеа постери со карикатури на пророкот Мухамед, кои претходно ги објави неделникот „Шарли Ебдо“.
Се одржа едноминутно молчење во спомен на убиениот учител. Повремено, во негова чест се слушаа долги аплаузи, а беше изведена и француската химна.
Во меѓувреме, француските власти соопштија дека уапсиле единаесет лица по убиството.
Обвинителот објави дека е поведена истрага поради убиството со сомневање за терористички мотив.
Последните четири уапсени лица се членови на семејството на напаѓачот, кому во март му беше дадена десетгодишна дозвола за престој во Франција како бегалец.
Да потсетиме, наставникот Самуел Пати беше убиен вчера во селото Конфлан Сен-Онорин, предградие северозападно од Париз.
Француската полиција пристигна и рани човек кој извикувајќи „Алах акбар“ (Алах е голем) му ја отсече главата на професорот.
Ранетиот напаѓач, кој наводно бил обвиткан со експлозив, бил сериозно ранет и бил пренесен во болницата, каде подоцна починал. Осомничениот, по потекло од Чеченија, е роден во Москва и имал 18 години.
Францускиот претседател Емануел Макрон остро го осуди, како што рече, „исламистичкиот терористички напад“ врз наставникот, истовремено повикувајќи ја нацијата да се обедини против екстремизмот.