И додека клубовите кои ја основаа Суперлигата тврдат дека е невозможно да се ограничат трошоците, второпласираната екипа на италијанскиот шампионат Аталанта ќе потроши вкупно само 39 милиони евра за плати на играчите оваа сезона, додека Кристијано Роналдо има годишно плата од 31 милиони евра во Јувентус.
А, во Аталанта најплатени играчи се Дуван Запата и Луис Муриел, кои заработуваат 1,8 милиони евра по сезона, објавија италијанските медиуми.
Јувентус троши 205 милиони евра годишно на плати на играчите, следен од Интер со околу 132 милиони, Наполи скоро 104, додека Милан издвојува скромни 80 милиони евра.
Фудбалерите на Аталанта во неделата се пробија на второто место во италијанскиот шампионат по победата од 5:0 на домашен терен против Болоња во 33. коло.
Водечкиот Интер сега има 79 поени на пет кола пред крајот на италијанскиот шампионат, односно 11 повеќе од Аталанта и 13 повеќе од Јувентус и Милан, кои гостуваат во понеделник кај Лацио.