Фрчкоски: Мицкоски молчи за Адамовиќ поради поврзаноста со бизнисот со струја

„Дали постои поврзаност со Сања Божиновска и на кој начин? До каде води оваа мрежа на бизниси во енергетиката“, праша членот на СДСМ и најави нови детали во следните денови

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: СДСМ

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски денеска соопшти дека Антикорупцискиот тим на неговата партија ги открива бизнис-шемите на премиерот Христијан Мицкоски и нивната поврзаност. Фрчкоски денеска објави дел од, како што вели, релациите и групациите во енергетиката и бизнисот со струја.

„15 дена постојано го прашуваме Мицкоски: кој е Душан Адамовиќ и зошто е поставен за почесен конзул во Србија?
Нема одговор. Мицкоски молчи. Зошто? Денеска ќе откриеме еден сегмент.

Мицкоски молчи за Адамовиќ поради поврзаноста со бизнисот со струја и енергетиката. Душан Адамовиќ, почесен конзул во соседна Србија назначен од владата на Мицкоски, функционер на СНС – сестринската партија на ВМРО – е директно поврзан со две компании.

Адамовиќ е директор на фирмата WBA TEAM ENERGY, регистрирана во 2023 година, и директор на фирмата WBA ENERGY ДОО, регистрирана на иста адреса.

Сопственик на овие фирми е офшор компанија од Кипар – EVELIXON TRADING LIMITED, која се врзува и со трговија со струја.

Што е заедничко за оваа компании? Бизнисот во енергетиката и бизнисот со струја – омилениот бизнис на Мицкоски“, кажа Фрчкоски на прес-конференција во СДСМ.

Членот на опозициската партија тврди дека во следните денови што следуваат ќе објават и поширока мрежа.

„Дали постои поврзаност со Сања Божиновска и на кој начин? До каде води оваа мрежа на бизниси во енергетиката? Нека видат граѓаните. Бидејќи за Мицкоски сè е бизнис“, рече Фрчкоски.

Како што претходно објави СДСМ, Адамовиќ во минатото објавувал на социјалните мрежи дека „Српска Македонија“ била окупирана, што за партијата претставува скандал од дипломатски размери. Кузеска изјави дека тој е висок функционер на српската владејачка партија СНС и е близок до претседателот Александар Вучиќ, но истовремено го поврза неговото име со серија криминални инциденти и афери пренесени во српските медиуми.

Од СДСМ велат дека за Адамовиќ постојат информации оти во 2019 година бил посочен како дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Тие се повикуваат на јавни објави според кои тој во 2006 година преживеал напад со бомба, а во 2008 година бил ранет во ногата поради наводни долгови. Кузеска постави прашање до премиерот Христијан Мицкоски дали македонските безбедносни служби извршиле соодветни проверки пред неговото назначување и каква е личната врска на премиерот со оваа одлука.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговори на обвинувањата од СДСМ, тврдејќи дека иницијативата за поставување на Адамовиќ за почесен конзул не потекнува од актуелната власт. Тие велат дека предлогот за негово именување дошол од македонскиот амбасадор во Белград, кој на таа функција беше поставен во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ.