Фрчкоски: Мицкоски сам одлучува и си бира јавен обвинител под негова целосна контрола

„Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, а советник на Мицкоски во Уставниот суд“, обвинува членот на ИО на СДСМ

од Nikola Popovski
29 прегледи

Продолжуваат обвинувањата од опозицијата за намерите на власта во делот на правосудството. Од СДСМ обвинија дека актуелната власт го смени јавниот обвинител за да се инсталира обвинител под нивна контрола. Потсетуваат дека јавно на телевизија, премиерот Христијан Мицкоски ја исклучи од трката, кандидатката за јавен обвинител, Ленче Ристоска.

Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, потсетува Ристоска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители, со позитивна оценка за професионалност и стручност.

„Граѓаните знаат дека таа беше и јавно навредувана од Мицкоски како „медиокритет“. Мицкоски сам одлучува, си бира по негово, сака јавен обвинител под негова целосна контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд.

Портпаролката на Владата ги знае судските одлуки за процеси кои се уште не се завршени, а Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи на обвинителите, им кажува што и како да работат.

Водат кампања против предметите на СЈО за дискредитација на пресудите, во обид да се избрише одговорноста на нивните функционери. Затоа нема никаква реакција на криминалните тендери и скандалите на власта кои ги објави Антикорупцискиот тим на СДСМ“, вели Фрчкоски и потсетува дека поминаа повеќе од 80 дена од првата пријава на СДСМ до ДКСК, а засега нема никаков одговор.

-Нема реакција ниту од обвинителството, ниту од финансиската полиција, сите молчат, потенцира членот на СДСМ.