Директорот на Центарот за истражување и анализа во СДСМ, Јон Фрчкоски денеска постави прашање зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Според него, Пазарната инспекција има надлежност да врши надзор над примената на законите а има и законска обврска да одреди и забрана за работа од 30 дена доколку не се исполнети законските услови.
-Дали сето ова било спроведено во мандатот на актуелниот директор на ДПИ? Дали постоеле сознанија за прекршувања на законите? Или некој свесно не постапил? Ова се легитимни прашања на кои истрагата треба да даде одговор, рече Фрчкоски.
По обвинувањата на опозицијата дека постои селективност во истрагата за кочанската трагедија, премиерот Христијан Мицкоски вели дека може секогаш да дава паушални изјави, но ќе треба да се дадат тие работи со докази. Го охрабрува ОЈО да делува неселективно.
-И за секој оној за кој што постои основано сомневање, не само сега, и во минатото кој извршувал било каква функција и бил вклучен во овој и слични случаи, да биде санкциониран, кажа премиерот.
На новинарско прашање каде е неговата одговорност бидејќи е чело на Министерство кое издавало лиценци и во моментот на несреќата, „Пулс“ немала важечка дозвола, Бесар Дурмиши вели дека нема некој во државата кој не чувствува морална одговорност. Сепак, според неговите зборови, тоа не е изолирана трагедија туку е вина на системот.
-Министерството за економија нема механизам и не е надлежна за проверка дали некој клуб има лиценца. Нема механизам за контрола. Во Министерството се прават политиките и законите. Одговорноста е кај тие институции кои треба да бидат на терен и да вршат контрола, истакна министерот за економија.