Вака новоименуваниот Амбасадор во ОН Љубомир Фрчковски му реплицираше на Антонио Милошоски кој му се закани дека ќе го врати од мисијата во ОН каде е назнечен за Амбасадор.
„Личноста која ја споменавте јас не можам да ја коментирам бидејќи таа личност во основа уста не смее да отвори, или да каже било што, тоа е личност за која се води кривична постапка за злоупотреба на лустрацијата. Тој е единствен пратеник кој може да оди во затвор, човекот кој го лустрираа во Кичево кој беше судија умре после тоа од стрес. Тој човек уста не смее да отвори за ништо“, рече Фрчковски во неодамнешно интервју.
Милошоски неодамна објави дека претседателот Стево Пендаровски не ја говори вистината кога кажа дека сите законски услови се исполнети за испраќањето на Фрчкоски во Њујорк.
-Напротив, законскиот услов од член 39 од Законот за надворешни работи за претставување пред собраниската комисија, не е исполнет и со тоа Собранието, а преку Собранието и јавноста, немале можност да извршат контрола врз извршната власт, како што е и Претседателот и самите амбасадори. Но, имам една порака, ако претседателот Пендаровски денес одлучил заради било кои причини незаконито да го упати Фрчкоски за амбасадор во Обединетите нации, побрзо отколку што мислат ќе дојде денот кога Фрчкоски на законски начин ќе биде вратен во земјата, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.