Утрово трите хеликоптери (два на МВР и еден на АРМ) во 05.00 часот почнаа со дејство над пожарот на територијата на Општина Чучер Сандево, селата Чучер и Блаце, извести ЦУК. На пожарот дејствуваат и силите на БППЗ на Град Скопје со повеќе екипи и противпожарните возила, ЈКП од Општината, Црвен крст со еден базен од кој хеликоптерите полнат вода, како и тимови со противпожарните возила на ДЗС.
Според првиот човек на ДЗС, Стојанче Ангелов, можна причина за пожарот што вчера попладне избувна во скопско Чучер Сандево, над магистралниот пат Скопје-Блаце е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување.
„Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“, вели Ангелов.
-Патниот сообраќај до граничниот премин Блаце ноќеска е нормализиран. Укината е и забраната за товарните моторни возила и за автобусите, соопшти МВР
Сообраќајот на оваа делница синоќа поради пожарот над магистралниот пат А4 Скопје – Блаце кај тунелот, кој се прошири, беше пренасочен за патнички возила, а беше воведена забрана за товарни моторни возила. МВР воспостави посебен режим на движење на возила од Граничен премин Блаце кон Скопје и во правец од Скопје кон Граничен премин Блаце.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека до изутринава има шест активни пожари.