Поранешниот пратеник и лидер на Партијата за Целосна Еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски утрово информира дека бил оштетен штаб на партијата во Тетово. Според информациите, била фрлена експлозивна направа во штабот.
-Би сакале да ја информираме јавноста дека на 21.10.2024 година беше фрлена експлозивна направа во клубот на ПЦЕР. Искршени се сите прозори и е направена значителна штета од сето ова. Најостро го осудуваме овој чин на нетолеранција и непочит кон нас и кон Ромите од овој град и од целата држава. Ги повикуваме надлежните институции од Република Северна Македонија да го истражат случајот и навремено да постапат, објаснува Ибраимовски преку соопштение до медиумите.
Неодамна јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за издавање казнен налог против Ибраимовски за кривично дело загрозување на сигурноста. Според пријавеното, им се заканувал по живот на уставните судии откако дозволија извршителите да продолжат да наплаќаат долгови. Информациите се дека тој заканите ги испраќал преку Фејсбук.
Ибраимовски кон крајот на јуни добил повик да се јави во полициска станица. Тој негира дека написите против уставната судијка Ана Павловска Данева се закани по нејзиниот живот.
„На 21 јуни, преку информатички систем, обвинетиот се заканил дека ќе стори кривично дело убиство од член 123 став 2 од Кривичниот законик за кое е пропишана затворска казна од најмалку 10 години, спрема оштетена – судија на Уставниот суд. На својот профил на социјална мрежа, незадоволен од одлука на Уставниот суд во врска со законот за застареност на долгови, обвинетиот објавил пост со закани дека ќе го стори кривичното дело, директно споменувајќи ја посочената уставна судијка, со што кај оштетената предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, посочуваат од Обвинителството.
Со казнениот налог Обвинителството предлага на Ибраимовски да му биде изречена условна осуда со која ќе му биде определена казна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку тој не стори ново кривично дело во рок од една година од правосилноста на пресудата.
На последните парламентарни избори, ПЦЕР на Ибраимовски настапи во заедничката коалиција „Храбро за Македонија“ со ГРОМ- Граѓанската опција за Македонија и Интегра.