Фронтекс распоредува службеници во Западен Балкан, првите пристигнуваат на почеток на 2023-та

од Stefanija Kuzmanovska
172 прегледи

ЕУ ќе распореди службеници од агенцијата за гранична контрола на ЕУ „Фронтекс“ во балканските земји кои сакаат да се приклучат на заедницата, пишува Фајненшл тајмс.

Според изданието, ова ќе биде првпат службениците на Европската гранична агенција да бидат распоредени надвор од нејзината јурисдикција. Оваа иницијатива беше најавена во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува денес во Тирана.

Причината за ваквата мерка е фактот што Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово имаат договори за безвизен режим со трети земји, вклучително и оние со ниски примања. Брисел е загрижен поради зголемениот проток на илегални мигранти кои влегуваат во ЕУ преку Балканот. Во првите 10 месеци од 2022 година, бројот на државјани на трети земји кои илегално влегле на територијата на заедницата преку балканските земји се искачи на 130.000. Ова е најголем број од 2015 година.

„Регулирањето на визниот режим е задолжителен услов“, рече Маргаритис Схинас, потпретседател на Европската комисија. „Неприфатливо е Западен Балкан да има визни договори со трети земји чии граѓани ги користат дупките за влез во ЕУ“, додаде тој.

Распоредувањето на единиците на „Фронтекс“ на Балканот може да започне веќе во првите месеци од следната година.

„Ова ќе помогне да се зајакне граничната контрола долж целата миграциска рута во соработка со националните гранични служби и да се намали протокот на илегални мигранти“, се наведува во публикацијата.

Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржува денеска во Тирана. Покрај проблемите со миграцијата, ќе се разговара и за координацијата на надворешната политика и безбедносната политика на балканските земји со заедничката политичка линија на Европската унија.

Слични содржини