Фросина Кулакова: Време е да се обединиме сите заедно, само така може да го собориме криминалниот и корумпиран систем

од Vladimir Zorba
218 прегледи

Во организација на граѓанското движење „Кој е следен“, денеска, се одржа третиот протестен марш на кој граѓаните бараа правда за 22-годишната Фросина Кулакова, младата модна дизајнерка од Неготино која животот го загуби откако беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“ додека преминувала пешачки премин.

Протестниот марш започна пред Универзална сала, каде што беше прегазена младата Фросина, потоа продолжи пред Владата, па пред Собранието и заврши пред Апелациониот суд во Скопје, каде граѓаните со пароли „Ние сме гласот на Фросина“, „Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега“, „Валкани пари – смртни последици“, „Најстрога казна за сторителот на убиството на Фросина“, испратија порака да се стави крај на неказнивоста и селективната правда.

Ова не е политички проблем, туку системски, порача Росица Кулакова, сестра на младата Фросина, нагласувајќи дека правдата мора да биде задоволена.

– Да не заборавиме зошто сме сите тука. Ова не е политички проблем, туку системски проблем кој опстојува 30-тина години наназад. Повикувам никој да не ја злоупотреби нашата семејна трагедија, трагедијата на семејствата на Теодора, на Викторија итн. Наместо да продолжиме да го делиме народот политички, време е да се обединиме сите заедно, само така може да го собориме криминалниот и корумпиран систем којшто нас нè покосува. Овде сме да бараме правда за сите обесправени семејства, за Оливер, за Викторија, за Фросина Кулакова, за Фросина Цековска, тие веќе немаат глас, но ние сме нивниот глас. Правда мора да има, порача Кулакова.

Од граѓанското движење „Кој е следен“ упатија порака дека потребни се безбедни улици, почитување на ограничувањата на брзината и казни за несовесните возачи.

Слични содржини