ФСБ: Овој човек стои зад организацијата на убиството на Татарски

од Stefanija Kuzmanovska
138 прегледи

Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) објави дека идентификувала уште еден соучесник во убиството на воениот известувач Максим Фомин (Владлен Татарски) во Санкт Петербург.

Украинец по име Јуриј Денисов бил лицето кое го организирало атентатот на рускиот воен блогер Владлен Татарски, соопшти руската служба за безбедност ФСБ, пренесува РТ.

Тој дошол од Киев преку Летонија во Русија во февруари, обезбедувајќи ја експлозивната направа користена во убиството и ја напуштил Русија на почетокот на април веднаш по злосторството, се вели во соопштението на агенцијата објавено денеска.

ФСБ посочува дека терористичкиот напад на Татарски го организирале украинските специјални служби и нивните агенти, вклучително и оние од руската опозиција во странство.

„Утврдено е дека убиството на Максим Фомин заедно со Дарја Трепова го подготвувал член на украинската диверзантско-терористичка група, државјанин на Украина, Јуриј Денисов, роден 1987 година, кој ѝ ја доставил експлозивната направа (на Дарја) камуфлирана, преку услуга ‘експресна испорака’ преку посредник во Москва во гипсна биста на воениот репортер“, се наведува во соопштението на ФСБ.

Во соопштението се додава дека Денисов „по задача на украинските специјални служби пристигнал од Киев преку територијата на Латвија во Московскиот регион во февруари 2023 година, каде што собирал информации за начинот на живот и местата кои ги посетувал Фомин“, поради што купил автомобил и изнајмил стан во близина на резиденцијата на новинарот.

„По извршувањето на терористичкиот акт на 3 април, Денисов полета од Русија преку Ерменија во Турција“, се наведува во соопштението на ФСБ, во кое се додава дека е започната постапка за распишување меѓународна потерница по Денисов.

На 2 април, експлозивна направа експлодираше во кафуле во Санкт Петербург, при што загина воениот известувач Владлен Татарски (вистинско име Максим Фомин). 31 лице се хоспитализирани. Осум лица се во тешка состојба, уште девет жртви се на болничко лекување. За убиството е осомничена и приведена Дарја Трепова.

Истражниот комитет на Русија подоцна објави дека Дарја Трепова е обвинета за терористичкиот напад во Санкт Петербург.

Слични содржини