Среде сѐ почестите предупредувања за можноста за нов голем судир на европско тло, најголемото пристаниште во Европа – Ротердам – започна сериозни подготовки за кризно сценарио. Управата на ова холандско пристаниште, клучно за европската трговија и снабдување, објавија дека развиваат логистички и безбедносни планови за случај на воен судир со Русија, вклучувајќи и одредување простор за војни бродови, редовни војни вежби и можности за пренасочување на комерцијалната трговија, пренесува „Фајненшел Тајмс“, повикувајќи се на Будевијн Сиемонс, извршен директор на Управата на пристаништето Ротердам.
Сиемонс објаснил дека повиците од врвот на НАТО веќе почнале да го менуваат секојдневното работење на ова, едно од најважните пристаништа на светот. Според него, Ротердам веќе тесно соработува со пристаништето Антверпен и редовно комуницира со врвот на НАТО и холандскиот министер за одбрана. На барање на НАТО, пристаништето четири до пет пати годишно ќе прима воени бродови со војни залихи, а тие ќе бидат закотвени во Ротердам и по неколку седмици.
Покрај другите мерки, предвидено е и одржување амфибиски воени вежби во пристаништето Ротердам.
Ова не е изолиран случај, туку дел од цел тренд – Генералниот секретар на НАТО вчера упати јавно предупредување дека постои реална закана Русија да нападне некоја од членките на Северноатлантскиот сојуз до 2030 година.
Паралелно со новата директива на НАТО за зголемување на издатоците за одбрана од страна на членките до 5% од годишните буџети, и ЕУ веќе работи на огромен план за повторно вооружување, во вредност од 800 милијарди евра. Целта на овој план е да се зголемат одбранбените капацитети и да се намали воената зависност од САД.