ФТ: Резервен план на ЕУ за испраќање до 20 милијарди евра во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
261 прегледи

Европската унија подготвува резервен план за испраќање помош за Украина во вредност до 20 милијарди евра, со што би се заобиколило ветото на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пишува „Фајненшл Тајмс“, кој се повикува на неименувани функционери.

Откако лидерите на ЕУ не успеаја да се договорат за планираниот четиригодишен пакет од 50 милијарди евра за Украина претходно овој месец, властите бараа алтернативи за да го спасат Киев од претстојната буџетска криза, пишува весникот.

Официјални лица вклучени во разговорите изјавија за ФТ дека планот на ЕУ се однесува на гаранциите дадени од земјите-членки, што ќе ѝ овозможи на Европската комисија да позајми до 20 милијарди евра за да ѝ помогне на Украина. За планот се уште се преговара, а точната сума ќе биде одредена според потребите на Украина и нејзината војска.

Помош за да се избегне инфлација
Што е најважно, таквиот план нема да бара гаранции од сите 27 членки на Унијата, се додека би бил поддржан од земји со највисок кредитен рејтинг. Со ова, според весникот, ЕУ би можела да го заобиколи ветото на Унгарија бидејќи нема да биде потребна едногласна поддршка.

На некои земји, вклучително и Германија и Холандија, ќе им треба парламентарно одобрение, процес кој властите се надеваат дека може да биде завршен навреме за помошта да биде испратена до Украина до март 2024 година.

Доколку европските лидери се договорат за план до први февруари, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) би можел да ослободи околу 900 милиони долари за да му помогне на Киев да избегне печатење пари и зголемена инфлација.

Слични содржини