Фудбалер на македонскиот тим Рокдејл Илинден убиен во масакрот во Сиднеј

Смртта на Елкајам ја потврди и потпретседателот на клубот од Сиднеј, Лу Тасевски

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: Фејсбук

Францускиот фудбалер Дан Елкајам, член на македонскиот клуб Рокдејл Илинден од Австралија, е идентификуван како една од 16-те жртви на вчерашниот масакр на плажата Бонди во Сиднеј, што властите го третираат како терористички чин.

Австралиските власти соопштија дека нападот го извршиле татко и син – едниот од напаѓачите е убиен, додека другиот е уапсен. Покрај загинатите, 42 лица се хоспитализирани. Инцидентот се случил за време на прославата на еврејскиот фестивал Ханука на плажа.

Смртта на Елкајам ја потврди и потпретседателот на клубот, Лу Тасевски:

– Целосно сум скршен, мојот син игра за Рокдејл Илинден, при што двајцата беа одлични пријатели. Ова е трагична загуба и сè уште се обидуваме да се помириме со неа, изјавил Тасевски за тамошните локални медиуми.

Елкајам имал 27 години и бил член на клубот во последните 12 месеци, уживајќи висок углед меѓу соиграчите, тренерите и управата на клубот. Тој живеел во Австралија неколку години и работел како ИТ аналитичар за „NBC Universal“.

За потсетување, двајца вооружени мажи, татко и син, убиле најмалку 15 и ранија десетици лица на еврејски фестивал посветен на Ханука. Жртвите се на возраст од 10 до 87 години. Во моментот на нападот, на плажата имало околу 1.000 луѓе. Австралија ќе ги заостри законите за оружје со ограничување на бројот за поседување за едно лице, ограничување на лиценците и забрана за оружје на лица кои не се државјани.

Таткото, 50-годишниот Саџид Акрам кој бил убиен на самото место при престрелка со полицијата бил регистриран сопственик на шест огнени оружја. Синот, 24-годишниот Навид Акрам е хоспитализиран со сериозни повреди. Двајцата имале дозвола за оружје за рекреативен лов од 2015 година. По претресите на нивните имоти пронајдени се импровизирани експлозивни направи и знамиња на Исламска држава.