Фудбалерите на Шпанија се нови олимписки шампиони

од Vladimir Zorba
22 прегледи

Фудбалерите на Шпанија се нови олимписки шампиони откако во финалето по продолженијата го совладаа домаќинот Франција со резултат 5:3 (3:3).

Франција поведе на „Паркот на принцовите“ со голот на Енцо Мило во 11. минута, но потоа Шпанците за 10 минути постигнаа три гола.

Стрелец беше Фермин Лопез во 18. и 25. минута, а Алекс Баена, асистентот на Лопез за првиот гол, погоди во 28. минута од слободен удар од агол од 20 метри.

Интересно е што и Лопез и Баена беа во шпанската селекција на претходното Европско првенство кое „црвената фурија“ го освои.

Резервниот фудбалер на Франција Магнес Аклиус во 78. минута намали на 2:3 и со тоа донесе неизвесност во финишот на натпреварот.

На почетокот на судиското надополнување по интервенцијата на ВАР, бразилскиот судија Рамон Абате Абел досуди пенал за Франција, а Жан-Филип Матета беше прецизен од белата точка и на тој начин го испрати натпреварот во продолжение, што немаше да се случи доколку во 90+6. минута Бенат Туриентес ја погоди мрежата наместо гредата.

Она што не му успеа на едниот шпански резервен играч, го направи другиот во 100. минута.

Серхио Камело ја врати предноста на Шпанија со прекрасен гол по асистенција на Адријан Бернабе.

Точка на натпреварот потоа стави Камељо во 121. минута.

По поразот во финалето од Бразил на претходните Игри, Шпанија овојпат успеа да го освои златниот олимписки медал.

Пред само три недели сениорската шпанска репрезентација стана европски првак, а пред десет дена шампиони на „стариот континент“ стана и младата шпанска репрезентација за играчи до 19 години.

Слични содржини