Фудбалскиот сојуз на Русија излезе со соопштение по одлуката на ФИФА и УЕФА да ги суспендираат руските клубови и репрезентации од нивните натпреварувања.
Одлуката е донесена поради војната во Украина и ќе биде на сила „до следно известување“.
Тоа значи дека руските клубови нема да можат да играат во натпреварувањата под капата на ФИФА и УЕФА, а тоа важи и за репрезентациите.
„Фудбалскиот сојуз на Русија категорично не се согласува со одлуката на ФИФА и УЕФА. Сметаме дека ваквата одлука е во спротивност со нормите и принципите на меѓународните натпревари, како и со духот на спортот. Одлуката има очигледен дискриминаторски карактер и загрозува голем број спортисти, тренери, вработени и што е најважно милиони Руси и странски навивачи чии интереси меѓународната спортска организација мора да ги заштити. Ваквите активности создаваат раздор во светската спортска јавност, која отсекогаш била фокусирана на принципите на еднаквост, меѓусебно почитување и независност од политиката. Го задржуваме правото да се спротивставиме на одлуката на ФИФА и УЕФА во согласност со меѓународното спортско право“, се вели во соопштението.