Европската унија треба да се вклучи во решавање на македонско-бугарскиот спор, бидејќи во спротивно С. Македонија може да се заглави во оваа ситуација извесно време, смета поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје Ерван Фуере.
-Мислам дека изборите во Бугарија, за жал, нема да донесат ништо ново, па нема поента ЕУ да чека за да дејствува. Европските институции треба да бидат поинвентивни во пристапот. Имаат инструменти кои треба да ги користат, како медијација, со поголем фокус на изучување на историјата. Многу, многу инструменти кои можат да се искористат, а да не се блокира почетокот на преговорите – вели Фуере во интервју за телевизија Телма.
Владата на Северна Македонија, посочува тој, треба да продолжи со неопходните реформи, особено во делот на правосудството и борбата против корупцијата, бидејќи тоа е најдобриот аргумент за да покаже дека е подготвена за обврските од членството во ЕУ.
-Ќе биде проблем ако ЕУ не се вклучи и ако притисокот од Бугарија е толку силен што Владата во Северна Македонија може да се чувствува обврзана да ги прифати позициите кои би можеле да бидат контрапродуктивни на долг рок и може да го свртат јавното мислење против неа. Ова ќе биде голема грешка за стабилноста на Западен Балкан, бидејќи ќе се воспостави многу опасен преседан за во иднина – изјави Фуере.