Future is feminist: “Женското лидерство е неопходната промена за визијата во општеството”

од Vladimir Zorba
382 прегледи

Поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, консултант, новинар и бестселер автор на Њујорк Тајмс, со седиште во Вашингтон Патрик Џефсон и поранешната претседателска советничка, единствена жена којашто што работела за два американски претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш постариот, за двајца премиери на Обединетото Кралство Тереза Меј и Дејвид Камерон, како и за Кралицата Елизабета – глобалната експертка за репутација, кризи и бренд менаџмент Мери Џо Џејкоби беа двајцата главни говорници што виртуелно зедоа учество на вториот модул „Репутација и управување со буџет“ од програмата „Future is Feminist“, што викендов се одржува во Маврово.

Во своето излагање, Џефсон потенцираше дека лидерите мора да се адаптираат на потребите на целиот тим и дека потребно е секојдневно да работат на својот бренд.

„Женското лидерство е неопходната промена за визијата во општеството. Лидерството се вредности и правда, а секој успешен лидер потребно е да ги негува. Лидерот е личноста којашто ги признава своите грешки и прави атмосфера во која секој вработен што направил грешка треба да се чувствува слободен да ја признае. Најважно е да се знае каков тим стои позади секој лидер, но и за да се изгради добра репутација важно е лидерот да се опкружи со паметни и вредни луѓе коишто ќе го вложат своето знаење и вештини“, изјави Џефсон.

Глобалната експертка за репутација, кризи и бренд менаџмент Мери Џо Џејкоби информираше дека секој што верува и вложува во себе може да успее давајќи пример за нејзината професионална кариера, кадешто од најниската почетна позиција, се искачила сè до највисокото скалило во кариерата.

„Првите седум секунди се клучни за оставање на впечаток кај секоја индивидуа. Кога формирате тим важно е да изберете личности коишто ќе бидат три пати попаметни од вас, затоа што само така може да ја направиме разликата и промената во општеството на подобро. За сите тимови е потребна и машката и женската перспектива за да се постигне успех. Машки лидер не може да егзистира без женското мислење и обратно. И јас, и Патрик сме успешни во кариерата, но разликата е тоа што како жени ние се соочуваме со потешкиот пат. Девојките и жените треба секогаш да го следат својот свој и никогаш да не се откажат“, посочи Џејкоби.

На вториот модул учество ќе земат директорката на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој СИГА, Мила Царовска, редовната професорка по менаџмент на човечки ресурси, лидерство, организациско однесување и истражувачка методологија за бизнис и менаџмент на Институтот за социолошки и политичко–правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ и управниот директор на првиот акцелератор за социјално претприемништво и импакт бизниси во Северна Македонија Кристијан Милевски.

Програмата „Future is Feminist“ e во организација на Фондацијата Фридрих Еберт и во соработка со Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој – SIGA.

Програмата претставува серија на обуки за млади и инспиративни девојки и жени кои се спремни да учат, напредуваат, водат и служат на демократските процеси и целат кон развој на нивната кариера во бизнисот или политиката. Целтa е да се детектираат и обучат младите девојки и жени да ги зајакнат своите лидерски вештини и да го менуваат општеството кон подобро.

Слични содржини