Г.г. Стефан: Да се чуваме од поделби и да бидеме духовно и национално обединети

од Vladimir Zorba
149 прегледи

„Во ова време кога засилено се поддржуваат и се шират овоземни, минливи и распадливи вредности, ние, како православен народ, да се придржуваме до евангелските пораки, не заборавајќи дека Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови. Да веруваме во секој Христов збор, зашто небото и земјата ќе минат, но зборовите Негови нема да поминат. Така, соединети во Неговото име, да се трудиме да живееме согласно со богатото предание на нашите предци, сведочејќи за Него преку празнувањето на триумфот на животот над смртта. Па, да се чуваме од меѓусебни поделби, коишто водат до нарушување на нашето сенародно единство, и да не забораваме: нашиот македонски народ низ вековите се одржал затоа што за свој темел Го имал Христа Бога и Неговите вечни вредности, а за своја мајка ја имал Црквата“, порача поглаварот на МПЦ-ОА, Г.г. Стефан во своето велигденско обраќање.

„Годинашниов Велигден, за првпат по забранувањето на дејноста на Охридската Архиепископија во 1767 година, го прославуваме во радоста на единството со сите останати помесни Православни Цркви. Му благодариме на воскреснатиот Христос Бог поради тоа, и просиме Неговата благодат богато да се излева врз православниот македонски народ, но и врз сите што живеат на просторите на нашата Македонија, и да нè сочува од разните поделби и непријателства. Единството во Православието и признавањето на нашиот автокефален статус нека ни бидат поттик за градење и за чување на нашето духовно и национално единство.

Нашата радост, веруваме, ја споделуваат и светиот апостол Павле, кој прв го посеа евангелското слово по македонската земја, како и славниот цар Јустинијан, во чие време се основа на нашиве простори помесната Црква ‒ Јустинијана Прва. Со нас се радуваат и светите солунски браќа Кирил и Методиј, кои пред 1160 години ја започнаа својата мисија во Моравија, а во оваа година се навршуваат и 1130 години од ракополагањето на свети Климент Охридски во епископски чин. Исто така, годинава ќе одбележиме и 120 години од славното македонско востание на Илинден во 1903 година.

Спомнувајќи си за овие свети и светли личности и годишнини, во текот на оваа година ќе им оддадеме заслужна благодарност за нивниот труд, за застапништвото и за жртвувањата кои ги подарија на нашиот народ и на нашата Црква. Годинава ќе одбележиме и 60 години од осветувањето на првиот македонски храм во САД ‒ „Свети апостоли Петар и Павле“ во Гери, Индијана, храм кој имаше рамноапостолска мисија и беше предводник во духовната грижа за македонските доселеници на Северноамериканскиот Континент.

Честитајќи го Велигден, најрадосниот христијански празник, на сите чеда на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија во Татковината и насекаде по светот, молитвено им посакуваме силата на Христовото воскресение да дејствува во сите нас, па од сето срце и од сета душа, заедно со сите наши православни браќа и сестри, да му објавиме на сиот свет: Христос воскресе!“, истакна тој.

Слични содржини