Не случајно славните илинденци својата борба за слобода ја започнале на денот посветен на светиот пророк Илија. Тој и тогаш, а и сега, е сведоштво дека без духовната е неможна и националната слобода. Првиот Илинден, од 1903-тата, бил само зачеток, бил семе за вториот Илинден, од 1941-та година, по кој, на дел од Македонија, ние Македонците се здобивме со своја држава. На третиот, пак, Илинден, од 1991-та година, сонцето над Македонија повторно изгреа и таа повторно се појави на светската историска сцена. Македонија стана независна и суверена држава, а Македонците отворено го прифатија предизвикот да го одбранат своето и да му засведочат на целиот свет дека се мудар, достоинствен, човекољубив и богољубив народ, наведува поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан во Илинденсото послание
Секое поколение има свој предизвик и своја борба! Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница! А за тоа е потребно да застанеме против: неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта помеѓу нас! Конечно, да разбереме дека само со чесност и со слога, на национален и на духовен план, можеме да очекуваме напредок и добробит за сите, кажа, меѓу другото, тој.