Дваесетте најголеми развиени економии (Г-20) ветија дека ќе ја подобрат заштитата против идни епидемии, преземајќи да извршат заеднички симулации за да ја пробаат реакцијата кај потенцијално избувнување на епидемија, пренесе ДПА.
На првата средба во Берлин министрите за здравство на земјите од Г-20 потпишаа декларација која ја нагласува важноста на редовни вежби во подготовка за критични ситуации во областа на здравството. “Исто како и секоја противпожарна команда која редовно тренира за итни ситуации, во иднина ќе има и редовни вежби на здравствените служби”, изјави германскиот министер за здравство Херман Грое.
Декларацијата беше потпишана речиси на крајот на најтешката епидемија од Ебола во историјата, која однесе над 11 000 животи во Западна Африка во периодот 2014 – 2015 година, забележува ДПА, цитирана од dnes.bg. На средбата на министрите за здравство на Г-20 беше постигнат и пробив во борбата против отпорноста кон антибиотици, изјави Грое.
Министрите се слоржиле да собераат и разменуваат меѓународно достапни податоци и да поддржат иницијатива на Светската здравствена организација (СЗО) за справување со овој тренд до 2018 година.
Во декларацијата се вели и дека посиромашните земји треба да добијат гарантиран пристап до новите лекови по пристапни цени, забележуваат агенциите.