Габриел: Не постои билатерален проблем меѓу Бугарија и С.Македонија

од Nikola Popovski

Бугарската вицепремиерка и шефица на бугарската дипломатија, Марија Габриел, која вчера пристигна во Скопје, ја отвори изложбата „Пловдив – град на мозаиците“ во Бугарскиот културно-информативен центар во главниот град и се сретна со претставници на бугарската заедница во земјава.

„Не постои билатерален проблем меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Бугарија е членка на ЕУ и ги поддржува принципите и вредностите на ЕУ. Кога Северна Македонија сака да стане членка на ЕУ, мора да покаже дека членството во ЕУ значи обврски и исполнети ветувања. Разбирањето во ЕУ е јасно – сакаме да покажеме дека мора да се почитуваат човековите права и принципите на ЕУ“, посочила Габриел, пренесуваат бугарските медиуми.

Според неа, неопходно е „да се создаде позитивна агенда“ меѓу двете земји.

„Историјата има свое значење и таа треба да биде предмет на дискусија на историчарите и експертите, бидејќи секогаш кога има можности за злоупотреба, таа се политизира и радикализира. Така се вртиме во маѓепсан круг“, рекла Габриел.

Таа посочила и две од важните измени кои се предвидени во Законот за бугарско државјанство стекнато со натурализација, кој треба да биде доставен до парламентот – посебна церемонија за негово добивање и одземање на бугарското државјанство доколку лицето што го стекнало употребува говор на омраза во однос на земјата која му го овозможила тоа право.

„Верувам во моќта на културната дипломатија“, рекла бугарската министерка за надворешни работи.

Габриел учествуваше на синоќешната неформална вечера, во рамки на 30. Министерски состанок на ОБСЕ, што се одржува во Скопје.

Слични содржини