Продолжуваат турбуленциите во турскиот фудбал по ремито во големото дерби меѓу Галатасарај и Фенербахче во 24. коло од шампионатот. Резултатот остана 0:0, што значеше дека Галатасарај ги оддржа шестте бода предност, но вниманието на јавноста сега е насочено кон „аферата Мурињо“.
Поради чувствителноста на натпреварот беа ангажирани странски судии, а натпреварот го водеше словенечкиот судија Славко Винчиќ. Токму пофалбите за Винчиќ од страна на тренерот на Фенербахче Жозе Мурињо предизвикаа бурни реакции. Галатасарај реагираше со официјално соопштение, обвинувајќи го Мурињо за расизам и најави правна постапка:
„Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, кој редовно дава погрдни коментари кон турскиот народ во јавноста откако почна да работи во Турција, сега додаде и нечовечка реторика. Затоа ја информираме јавноста дека ќе поднесеме кривична пријава до државното правобранителство поради расистичките изјави на Мурињо и ќе поднесеме жалба и до УЕФА и ФИФА“.
Мурињо во изјавата која го поттикна Галатасарај да најави правна битка рече: „При оваа ситуација која сега ја коментирам, сите играчи на Галатасарај скокаа како мајмуни за да има опомена во првата минута. Изданието на судијата беше првокласно, па затоа по крајот на мечот влегов во неговата соба и му честитав за натпреварот“, гласи изјавата на Мурињо, кој наиде на голема осуда од Галатасарај.
„Влегов во соблекувалната и му се заблагодарив на Винчиќ за начинот на кој го судеше овој натпревар. Со него имаше турски судија и му објаснив дека дербито ќе беше катастрофа доколку некој од локалните судии го судеше. Судењето на крајот беше фер и во многу тешка дерби атмосфера. Се надевам дека турските судии го гледаа ова и ќе си кажат дека отсега сакаат да судат праведно“.
Овие зборови предизвикаа негодување кај дел од турската спортска јавност, продлабочувајќи го јазот меѓу клубовите кои и онака имаат големо ривалство кое често се манифестира во вид на отворена омраза на трибините и навивачки нереди.