ГАЛЕРИЈА: Во Охис се чува екстремно опасна цистерна полна со винил хлорид

од Aleksandar Todeski
661 прегледи

Во цистерна, со 24 часовно обезбедување се чува екстремно опасниот винил хлорид во кругот на Охис. Катастрофата која тој би ја направил би била кобна за градот Скопје, а во моментов во Охис се чуваат околу 14 тони. Директорот на „Еко центар 97“, Владо Момировски пред новинарите ги презентираше „жешките точки“ во Охис, но оваа материја ја истакна како најопасна од сите.

Тој раскажува дека винил хлоридот не се употребува веќе 30 години, па затоа им било тешко да го уништат, бидејќи во моментов во Европската унија постојат само две земји кои имаат печки за спалување.

„Еко центар 97“ во моментов преговара за опасната матеирја да се исчисти, но како што рече директорот на фирмата, за тоа ќе биде потребно да се плати многу поскапо, бидејќи тоа требало да се стори пред 30 години, кога целиот свет го уништувал винил хлоридот.

„Досега имаме спакувано 65-70 тона, а останува уште цистерната со винил хлорид, бидејќи кога добивме решение беше јуни месец, а не е дозволено на температури над 20 степени не се оперира со винил хлоридот. Додека не се знае колку точно има, не можеме да почнеме постапка за согорување. Винил хлоридот е очистен пред 30 години и речиси никој нема печки за согорување на винил хлоридот. Ние имаме обезбедено чување и ладење на винил хлоридот и за среќа се нема случено ништо. Не можам да замислам што би се случело последните 10 години кога се растури компанијата Охис и немало никаква контрола врз винил хлоридот. Тоа е хемикалија која веќе ја нема никаде во Европа, не знаеме на какви проблеми ќе наидеме“, рече Момировски.

За отстранувањето на винил хлоридот, тој ќе разговара и во други земји, бидејќи фирмата која ќе се нафати да го отстрани од кругот на Охис треба да дојде со посебна опрема.

На речиси другиот крај од Охис пак, под земја е закопан линдан. Веднаш до линданот, до пред еден месец се изработувале италијански обувки, а масите на кои вработените правеле паузи се веднаш до ѕидот на местото каде што е сместен линданот. Момировски за ова ќе каже дека жените кои работеле буквално се потпирале на бетонскиот ѕид под кој лежи канцерогениот линдан.

„АД Охис е во стечај и при објавување на тендерот за продажба, објавен е тендер за чистење на 11 останати хемикалии во Охис, затоа што купувачот треба да го купи со исчистени хемикалии. Конкуриравме ние и уште една друга компанија и го добивме тендерот. Беа пропишанни строго условите дека сите хемикалии треба да бидат изнесени од државата и компанијата да има лиценци или да има склучен договор со странска фирма која има лиценца. Имаше 11  видови на хемикалии раздачени меѓусебно на 1 ипол километар. Во тие 11 видови, како најопасни се хлорот и винил хлоридот. Хлорот веќе е отстранет и е надвор од Македонија, другите 9 се спакувани и спремни за извоз, а во најскор момент чекаме да добиеме дозвола за извоз, бидејќи истата опфаќа 7 земји, а крајна дестинација е Швајцарија“, истакна директорот на „Еко центар 97“.

Но, освен овие материи, во Охис има останато и педесетина тони акриломитрил и метанол, а на местото каде што се чувал метил акрилатот, кој во петокот истече и направи паника кај граѓаните, во моментов има вода. Истиот сега се чува во буриња, додека не се однесе во Швајцарија на согорување, а во базенот во кој се наоѓаше, сега има вода, која исто така ќе се носи на согорување.

Директорот на „Еко центар 97“, Владо Момировски вели дека оваа негрижа на Охис трае 20 години, бидејќи од тогаш ништо не е одржувано и променето во кругот на фабриката. Вети дека отсега се што ќе се прави во Охис ќе биде јавно, жалејќи што и претходно не го имале отворениот пристап кон јавноста, со што како што рече, паниката би била помала.

Александар Тодески

Фото: Борче Поповски

Слични содржини