Поранешниот директор на Зоолошката градина во Скопје и актуелен претседател на Градската организација на СДСМ, Ѓорги Галетановски ветува награда од 2000-3000 евра за информација што ќе доведе до апсење на лицата кои учествувале во палењето на неговото возило што се случи во вчерашните утрински часови во скопската населба Кисела Вода.
-За жал некогаш треба да ни се деси лоша работа за да видиме кој е до нас. Фала ви другари за поддршката и за сите пораки и повици и извинете што стварно не беше можно на сите да вратам и кренам. Не ви го заборавам ова и на сите ви должам. Ме знаете добро, никогаш не се сменив и нема да се сменам. Помагав и ќе помагам на кој можам без да се фалам така и ќе продолжам. Од денес натаму ќе направам се да дознаам и помогнам органите да спречат криминални дејствија да го зимаат мирот на граѓаните. А ќе се дознае тоа сум сигурен.
Доколку било кој знае веродостојна информација за извршителот или нарачателот нека ме контактира ќе биде награден со 2-3илјади евра, објави денес Галетановски.
Во кратка изјава за „Локално“, Галетановски вчера искажа благодарност што скопската Противпожарна бригада пристигнала веднаш на местото на настанот. Вели дека не добивал закани од никого ниту се скарал со некој, за да дојде до ваква немила ситуација.
Галетановски по опожарувањето на неговото возило: Добар сум, среќа што Пожарната дојде веднаш