Галетановски: Советот на Град Скопје и градоначалничката објавиле тендер за озвучување на изгорена Универзална сала

од Nikola Popovski
126 прегледи

Претседателот на градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски вчера изнесе информации дека Град Скопје подготвил тендер за озвучување на Универзална сала иако таа во моментов е руинирана и се чека да продолжи нејзината обнова. Според она што го тврди Галетановски, набавката чини 2,5 милиони денари.

-Скопјани дишат загаден воздух, нема автобуси, градот тоне во нечистотија, Универзална сала е пеплосана, Зоолошката диши на шкрги. Ова е секојдневнието на граѓаните на Скопје. Што прави локалната градска власт советот на градот и градоначалничката на Скопје? Ништо.

Но, затоа се силно фокусирани на тендери за техничка опрема и за озвучување и осветлување настани во Универзална сала во Скопје. Да да, таква јавна набавка тешка речиси 2,5 милиони денари е објавена денеска и веќе е достапна на Бирото за јавни набавки.

Овде нема здрава логика ниту трошка разум. Имате ли грам жал? Да не правите журка врз маката на скопјани Веднаш треба да се стопира оваа тешка глупост и парите на скопјани да се пренаменат за инвертери или за помош за Зоолошката градина Скопје, стои во објавата на социјалните мрежи.

Министерот за култура, Зоран Љутков неодамна изјави дека Скопје ќе има Универзална сала која ќе биде готова до 2028 година, но дека таа ќе биде изградена на законски и легален начин.

„Универзална сала е преземена од град Скопје во Министерството за култура и туризам на незаконски начин, во постапка која е проблематична, со прекршувања на повеќе закони. Договорот и решението за реконструкција од 22 март годинава издадено од општина Центар, не се запишани во Катастарот на недвижности. На Министерството за култура не му биле пренесени во целост правата и обврските согласно закон, за втора фаза од реконструкцијата“, рече Љутков.

Министерот рече дека претходното раководство на Министерството за култура и туризам условно исполнило само еден од двата кумулативни законски услови предвидени во член 70 од Законот за градење, за да може да се стекне со статус на инвеститор, а тоа е: со склучување на посебен договор помеѓу претходниот и новиот инвеститор, да ги преземе правата и обврските кои претходниот инвеститор ги имал со учесниците во градењето, додека не го исполнил и вториот законски услов, а тоа е да биде носител на правото на градење.

Предавањето на документацијата за Универзална сала од Град Скопје на Министерството за култура беше актуелно во мандатот на Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерката, во февруари годинава, кога најави дека ќе продолжи изградбата на Универзална, ја објасни постапката која ја поминале за да ја добијат документацијата. Таа велеше дека четири пати ургирале до градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје и до градските служби, откако претходно виделе дека нема никаков одговор.

Откако изградбата продолжи, на Универзална сала во април годинава беше поставена нова покривна купола. Петнаесетина дена подоцна во Универзална сала се случи пожар.

Сопственикот на фирмата која работи на реконструкцијата на салата, по пожарот рече дека не изгорела Универзална сала, туку изгореле градежните материјали што требало да бидат дислоцирани од тој објект.

Според него, сè што било во Универзална сала и што имало некоја вредност и за во музеј и за да може да се искористи, уште во 2021 година било извадено, а во салата биле останати само старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум.

Слични содржини