Галуп: За 60 отсто од македонските граѓани заканата од Ковид-19 е претерана

од Берта Китинска
241 прегледи

Според истражувањата на Галуп две години по првите случаи на Ковид-19, луѓето се чини дека се повеќе се навикнаа да живеат со пандемија.

Меѓутоа, глобалното јавно мислење сега изгледа покритично кон идејата за жртвување на човековите права (намалување за 10 процентни поени), иако сè уште преовладува подготвеноста да се жртвуваат човековите права во борба против вирусот. Сомнежот во ефикасноста на главната алатка за борба против Ковид 19 – вакцините – се зголемува бидејќи половина од анкетираните ширум светот не се сигурни дали вакцините навистина функционираат.

Ова се некои од главните наоди на новото глобално истражување за ставовите кон вирусот КОВИД-19 , спроведено од Меѓународната асоцијација Галуп на крајот на 2021 година кое вклучува околу 42 000 полнолетни граѓани од 45 земји низ светот меѓу кои и Северна Макединија.

На прашањето дали вакцините против коронавирус се навистина ефикасни, С Македонија е во рамките на светскиот просек, скоро половина (49%) од испитаниците се изјасниле дека се согласуваат со оваа изјава, 43 отсто не се согласуваат, а 5 отсто немаат одговор на ова прашање.

Прашани дали заканата од коронавирусот е претерана, во земјава, 60 отсто од анкетираните веруваат дека заканата од коронавирусот е претерана, 34 проценти сметаат дека заканата од коронавирусот не е претерана и 5 отсто немаат одговор на прашањето.

На прашања колку сум подготвен да жртвувам некои од моите човекови права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот, С Македонија е во рамките на светскиот просек (60%), 61 процент од анкетираните во земјава се согласуваат со оваа изјава и покажуваат подготвеност да жртвуваат некои од своите човекови права доколку тоа го спречи ширењето на вирусот, 31 процент не се подготвени за тоа, а 8 отсто немаат одговор на ова прашање.

Слични содржини