Ганиу: Чаршијата ја ревитализираме, нема да направиме измени автентичноста

од Берта Китинска
383 прегледи

Градежните активности во Старата Скопска Чаршија не се во насока да се измени автентичноста на чаршијата, туку да се замени оштетениот камен травертин со ист таков камен, да се задржи автентичноста и да се создадат подобри услови и за занаетчиите и за туристите, изјави градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу по низата реакции во јавноста.

Тој денеска во изјава за медиумите нагласи дека за реализација на проектот ги имаат добиено сите потребни дозволи од надлежните институции меѓу кои и од Управата за заштита на културното наследство која врши надзор врз целиот процес. Проектот е финансиран од Светска банка со грант во износ од околу 600 илјади евра.

– За содржината на проектот, кој го започнавме во декември 2019 година, како и за динамиката и неговите фази, во континуитет ја имаме известено јавноста. Овој проект за санација и зачувување на автентичниот изглед на Старата Скопска Чаршија предвидува поставување на камен со ист материјал како и претходниот травертин на површина од 1.800 метри квадратни, дозволен според извештајот на лабораториската анализа за исполнување на условите, истакна Ганиу.
Потребата од имплементација на проектот, како што рече, произлегува од оштетувањето на улиците во чаршијата во изминатиот период.

– Камењата травертин што сега се вадат, не се продаваат како што некој сака тоа да го прикаже. Тие се собираат и складираат и во следниот период ќе ги класифицираме и ќе ги употребиме на улицата „Самарџиска“ во Чаршија, рече Ганиу.

Проектот опфаќа и реставрација на 75 дуќани и унифицирање на излозите, поставување на натписи и тенди на објектите, целосна сигнализација на чаршијата….

– Целта не е да се направи измена на автентичноста на инфраструктурата на Старата Скопска Чаршија како што се стреми тоа да се прикаже во некои портали кои тенденциозно објавуваат информации без да ја набљудуваат содржината на проектот, рече Ганиу.

Слични содржини