Ганиу цинично плука во лице на МВР кое мора да го брани, порача Арсовска

од Nikola Popovski
66 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска повторно го обвини градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу за неговото однесување со дивоградбите на територија на скопската општина. Арсовска објави видео од последната изјава на Ганиу за медиумите во кое е запрашан дали аферата со дивоградбите е причина за тоа тој да не биде повторно кандидиран за градоначалник.

-Вака ви се смее во лице човекот за кој законите на Македонија не важат, човекот што ги понижува сите кои се чесни, кои не можат со работа да си решат имотно прашање, сите што плаќаат даноци, комуналии, вода, струја, додека тој дозволува небезбедни згради на секој чекор.

Цинично пљука во лице на МВР кое мора да го брани, иако знае дека е криминалец, бидејќи шефот така им рекол. Се исмева со Јавното обвинителство бидејќи не смеат да му писнат.

А дали има темели за нови 50 дивоградби во моментов ќе оцените сами, само не дозволувајте и покрај тоа што сте немоќни, некој да ве прави будали при очи и уши, стои во објавата на градоначалничката.

Минатата недела Ганиу изјави дека не се точни наводите на градоначалничката на Град Скопје, во врска со постоење на 150 дивоградби на територијата на општината, како и тврдењата дека тие се изградени на државно земјиште. Ганиу рече дека адвокатски тим веќе работи на поднесување тужба против Арсовска за, како што наведе, изнесување невистини и клевети.

– Чаир има површина од околу три квадратни километри, каде речиси сè е приватна сопственост. Тврдењата дека објектите се на државно земјиште се неточни. Нема 150 згради како што се тврди, ниту пак има темели за 50 нови, изјави Ганиу.