„Висар не глуми, за какво поткровје збориш секој со очи гледа комплет нова незаконска дивоградба зграда со 40 стана градена сега, а не во 2011 година“ – вака градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска му одговори на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу за дадената изјава за „Ал Џезира Балканс“ во однос на обвинувањата за бесправно изградените објекти во скопската општина.
На изјавата на Ганиу дека е „последниот што потпишува – пред тоа имам филтри, има комисии има елаборат све тие што ги донеле тие документи“, Аросвска смета дека „е јасно кој ги мести вработените за неговите криминали“.
„Вики: „Дури има и од град Скопје, значи предмет пресметка што е пресметано колку се комуналиите“. Сам си го признава фалсификатот со кој го фативме, што го направил на 20.03.2025 сред деновите на жалост во Кочани. Ало Обвинителство за гонење организиран криминал. Вики: “Значи затоа ви велам дека тоа беше повеќе тој ден да се направи циркус, да има во јавноста теми“. Не е никаква тема циркузанту, треба да знаеш дека нема некој што може да ме одврати од тоа да одговараш за сите криминали од денот кога по живот на дете ми се закани“, порача градоначалничката во својата објава.
На констатацијата на Ганиу дека Чаир има „13.000 апликации за легализација“, Арсовска го прозва градоначалникот дека е „директно за во Гинисова книга на рекорди“.
„Сам си ги кажа 13.000. Обвинителството веќе му ги има доказите и оригиналната архивска книга за стотиците фингирани и дополнително внесени дивоградби. И за сѐ ова јас имам докази, а ти само тераш со закани и политика“, објави градоначалничката на Град Скопје.