Врз основа на предложениот договор за прекин на огнот во Газа, израелската армија треба да се повлече од некои области на Појасот Газа и да им дозволи на Палестинците да се вратат на местата од кои избегаа поради конфликтот, објави денеска британскиот весник „Гардијан“.
Дополнително, како што беше претходно најавено, ќе бидат ослободени десетици заложници кои ги држеше палестинскиот Хамас, во размена за стотици палестински затвореници.
Помошта за Газа ќе биде зголемена за да им се помогне на Палестинците кои беа турнати на работ на глад поради војната.
Борбите ќе престанат, со цел да се спречи планираниот голем израелски напад врз Рафах, на југот на Појасот, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа се засолниле од војната.
Сепак, договорот не предвидува исполнување на главното барање на Хамас за целосно завршување на војната, а исто така не ја решава судбината на повеќе од половина од околу 100-те преостанати заложници, односно се споменуваат само жени, деца, стари и повредени лица, а не возрасни мажи, се додава во наводите на британски весник.
По пристигнувањето на делегацијата на Хамас во Каиро, палестински функционер за Ројтерс изјавил дека се уште нема договор. Во египетскиот град денеска пристигнаа и катарски и американски посредници, јавува „Ал Кахера њуз“.
Од израелска страна нема официјална потврда дека нивна делегација ќе присуствува на преговорите.
Еден извор близок до преговорите соопптил дека израелската делегација нема ни да дојде во Каиро доколку Хамас прво не објави список на заложници кои се уште се живи.
Тоа барање, како што тврди палестинскиот извор, засега се отфрла како прерано.
Сепак, американски функционер ги информирал новинарите дека „патот до прекин на огнот сега е буквално директен“ и дека „рамката на договорот е на маса“.
Американските власти тврдат дека Израел привремено прифатил шестнеделно етапно ослободување на заложниците и договор за примирје пред муслиманскиот празник Рамазан, но дека не се знае дали и Хамас ќе го прифати тоа.
Израелските медиуми денеска јавуваат дека Хамас нема да го исполни барањето да го предаде списокот на живи заложници, како и колку палестински затвореници треба да бидат ослободени од израелските затвори.
Поради незадоволителниот одговор на Хамас, Израел денеска не испраќа делегација во Каиро, објавија локалните медиуми.