Турција ангажира бунтовници кои дејствувале во сириската провинција Идлиб за да му помогнат на Азербејџан во борбата против Ерменија, пренесува „Гардијан“, повикувајќи се на извори од редовите на милитантите.
Според британскиот весник, регрутирањето платеници од Идлиб започнало пред еден месец, потврдија тројца борци за „Гардијан“. Двајца браќа од Азаз кажале дека им било речено да дојдат во кампот во Африн на 13 септември, а командантот потоа ги известил дека на „пазарот“ се појавиле тримесечни и шестмесечни договори кои вклучуваат заштита на „набљудувачки пунктови и објекти за гас и нафта“ во Азербејџан.
На борците им се нуди меѓу 764 и 1.092 евра месечно. Треба да се напомене дека, како што пренесува „Гардијан“, станува збор за значително поголема сума што Анкара им ја исплаќа на милитантите за борба против режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад, односно 42 до 60 евра месечно.
„Лидерот ни рече дека нема да се бориме, туку дека ќе помагаме во обезбедување на некои области. Не можеме да живееме од платите, затоа ова е одлична можност да заработиме пари“, навел Мухамед, еден од милитантите.
Платеник кој е кројач
Братот на Мухамед, Махмуд, вели дека нема повеќе работни места.
„Работев како кројач во Алепо, но откако се преселивме во Аваз, многупати се обидував да си ја работам својата работа, но јас и моето семејство не можеме да заработиме доволно за да живот“, објасни Махмуд.
„Гардијан“ имплицира дека борците ќе ја прифатат работата, но не можеле да кажат што точно значи нивниот ангажман, кога ќе се вратат, дури ни името на турската компанија која официјално ги плаќа.
Уште еден милитант рече дека заедно со 150 лица бил повикан да дојде во Африн на 22 септември, но тој истакнал дека неговото заминување е одложено. Како што вели, на локален брокер му ветил 171 евро од првата плата која ќе ја прими.
„Кога почнаа да ни нудат работни места луѓето се плашеа да заминат таму, но сега има илјадници од нас кои сме подготвени да одиме или во Либија или во Азербејџан“, изјави платеник за британскиот весник, пренесува Russia Today.
„Ројтерс“ вчера исто така потврди дека сириските милитанти биле ангажирани поради конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах, повикувајќи се на изјавите на двајца борци кои се бореле за џихадистите Арар ал-Шам. Тие тврдат дека им било ветено 1.284 евра месечно да се борат на страната на Баку.
„Не сакав да одам, но немам пари. Животот е многу тежок и сиромашен“, рече еден од платениците за таа новинска агенција.
Конфликтот во Нагорно Карабах
Тензиите во Нагорно Карабах се зголемија кога Ерменија собори два хеликоптера и три беспилотни летала во неделата.
Имено, Ерменија првично ги обвини соседите за гранатирање на цивилни позиции, а конфликтите наскоро се разгореа и резултираа со смрт на цивили и војници од обете страни.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се затегнати од 1991 година, кога ерменската армија го окупираше Нагорно-Карабах, територија признаена од меѓународната заедница како дел од Азербејџан.