Гарванлиев ќе ја отвори втората Парада на гордоста во Скопје

од Nikola Popovski
532 прегледи

Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот за поддршка соопшти дека втората парада на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26-ти јуни. И овој пат, парадата ќе ја отвори нашиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, а потоа ќе следат говори од активисти и неколкучасовна музичка програма.

„Изолацијата, која сите заедно ја искусивме минатата година, повеќето ЛГБТИ луѓе ја искусуваат целиот свој живот поради стигмата и предрасудите“, изјави Андоновски денес на прес-конференција.

„ ЛГБТИ+ заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нашите мали, приватни простори. Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на нашата заедница, слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме на сите ЛГБТИ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата, давајќи им поддршка и ветување дека здружно ќе продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас. Конечно, слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме и на сите луѓе во нашата земја, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови е нешто што заедно го искусивме и чие надминување стана заедничка цел и желба“, додаваат од организацијата.

Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека плановите за одржување на годинешниот Прајд се темелеа на подобрувањето на епидемиолошката состојба во земјата. Таа информираше дека и оваа година е добиена потврда за посветеноста на Министерството за внатрешни работи да се обезбеди највисоко ниво на сигурност.

„Пред две години, нашата парада беше оценета како најдобра токму поради безбедносниот аспект. Очекувам дека МВР и годинава ќе покаже професионалност и ќе им обезбеди на учесниците да се чувствуваат сигурно“, рече Пировска.

На прес-конференцијата учествуваше и Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, кој од име на /министерството изјави дека ќе бидат преземени сите непходни мерки за настанот да помине безбедно и во најдобар ред.

Слични содржини