Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов, на која се разговараше за односите меѓу двете земји и за можностите за унапредување на соработката на сите полиња.
Честитајќи му го изборот на функцијата на претседателот Гаши, амбасадорот Ангелов се осврна на претстојните парламентарни избори во Бугарија, како и на изборите за Европскиот парламент. Тој изрази уверување дека новоизбраните парламенти во Северна Македонија и во Бугарија ќе воспостават добра и интензивна комуникација, посебно преку парламентарните групи за соработка.
Двајцата соговорници се согласија дека е потребно постојано да се унапредува климата на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, како соседни земји кои се упатени на постојана соработка.
Соговорниците, исто така, разменија мислења и за соработката меѓу двете земји во рамките на НАТО, како и за ЕУ-перспективите на нашата земја во наредниот период.