Гаши им се заблагодари на пратениците за поддршката

од Nikola Popovski
417 прегледи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по синоќешниот обид за негова интерпелација истакна дека е откриена вистината за пропагандата.

„Уште еднаш разумот надвладеа над предрасудите и пропагандата. Има се заблагодарувам на сите пратеници кои денес учествуваа на оваа интерпелација, кои дискутираа и реплицираа и кои со нивниот слободен и демократски глас и дадоа одговор на оваа интерпелација. Им се заблагодарувам од срце и на сите други кои денес ја дадоа нивната поддршка на било каков начин.

Продолжуваме со истата посветеност кон задачата!“, порача Гаши.

Со 72 гласа против, и 21 за, Собранието синоќа не ја прифати интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието, поднесена од Левица. На гласањето пратениците на ДУИ не присуствуваа во салата, а претходно претставници на пратеничките групи од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се изјаснија дека нема да ја поддржат интерпелацијата.

Во образложението на барањето се наведуваше дека Гаши работел непрофесионално, неуставно и го нарушил секуларниот карактер на државата, бидејќи дозволил вршење на верски обреди на седница.

Во барањето се споменуваше и неодамнешниот инцидент на скопскиот аеродром, во чиј центар беше косовската претседателка, Вјоса Османи.

Премиерот и лидер на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека ваквото барање е „глупаво“ и дека претставува политичка незрелост на македонските опозициски партии.

За коалицијата ВЛЕН, барањето за смена на Гаши беше бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација на државата.

Пратеникот на Европскиот фронт, Блерим Беџети рече дека нивната пратеничка група ќе изрази приговори, но, како што најави, принципиелно нема да гласаат за разрешување на Гаши.

Пратеничката група на СДСМ наброја дел од причините за прифаќање на барањето за смена, наведувајќи го скандалот на скопскиот аеродром, но и случајот со венчавката во Косово и одењето преку граница со службениот автомобил на претседателот на Собранието.

„Мој личен став е дека треба да ја поддржиме интерпелацијата. Направени се многу отстапки за кои ние бевме тие кои ја информиравме јавноста. Не само ние, туку и некои институции излегоа и констатираа прекршување на правилата на однесување на претседателот на Собранието“, изјави пред два дена претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Слични содржини