Изборите во Косово сведочат за зрелоста на народот на Косово, а изборниот процес ја покажува сериозната посветеност на институциите за транспарентност и демократија, напиша на Фејсбук претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Искрени честитки до мојот пријател Албин Курти за достојната победа на движењето Самоопределување на парламентарните избори во Косово. Овој резултат ја претставува довербата на граѓаните во неговата визија за развојот и безбедноста на Косово, како и признавање на неговиот успешен мандат на чело на владата“, порача Гаши.
Претседателот на Собранието упати честитка до граѓаните на Косово.
„Се надевам дека нивниот глас ќе придонесе за подобрување на социјалната заштита, како и за европската иднина на земјата. С.Македонија останува посветена на длабока соработка, а нашите пријателски односи остануваат непоколебливи“, додаде спикерот на македонскиот Парламент.
Движењето Самоопределување на Курти освои најмногу од гласовите на парламентарни избори во Косово. На второто место е Демократската партија на Косово, а Демократскиот сојуз на Косово е трет по освоени гласови. Во претходниот парламентарен состав, Самоопределување имаше стабилно мнозинство заедно со пратениците од етничките малцинства. Сега, според бројките, Курти би можел да биде принуден да бара нови коалициски партнери за формирање влада.