Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека тој е поборник на идејата за одржување редовни избори.
– Јас сум поборник на идејата за редовни избори. Редовно носење на закони и редовни избори. Мислам дека, концептуално зборувам, ни недостига политичка и економска стабилност. Ако цело време правиме предвремени избори, креираме некоја политичка и економска нестабилност. Мислам дека треба да настојуваме да ги завршуваме мандатите и потоа граѓаните да нè ценат по тоа колку сме реализирале од она што сме го ветиле од програмата. Вака на половина мандат може да се каже не сме го завршиле мандатот. Јас сум поборник на идејата за редовни избори, но за тоа одлучуваат 61 пратеник и политичката волја на пратениците е таа што одлучува кога би оделе на избори, рече Гаши на брифингот по одржаната координација со координаторите на пратеничките групи.
Прашан дали треба да постои или да се укине пржинската влада, Гаши одговори дека како стабилна Влада и членка на НАТО не е угледно да се формираат технички влади за организирање предвремени избори.
– Колку што се сеќавам, тогаш ние само што ја формиравме политичката партија. Ако се враќаме назад, тоа беше ад хок решение за таа политичка криза да се надмине. Мислам дека како стабилна Влада, како членка на НАТО, не е угледно да формираме технички влади за организирање предвремени избори до толку што гледаме дека изборните процеси, особено последните, течат по ред, нема некои забелешки. Еве вчера поминаа избори, сите си честитаа, никој немаше проблем за победата, истакна собранискиот спикер.