Лидерите на АлтернАтивА, Движење БЕСА и Демократско движење, Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити побараа од претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да се помине што побргу првата фаза на уставните измени и да се влезе во суштинскиот процес на тие измени.
Освен тоа, го повикуваме да не се крие зад неоснованите оправдувања, туку да ги стави амандманите за измена на навредливото именување „20%“ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција. Меѓуетничката кохезија и борбата против корупцијата се европски вредности и принципи, исто како и обврската за добрососедските односи, ако не и повеќе.
Кога сме овде, ги повикуваме сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани! На овој начин, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба, рече Гаши пред медиумите од Жена паркот.
Лидерот на Алтернатива истакна доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори, за да се бара друг парламентарен состав кој, според него, ќе има капацитет и политичка волја за протуркање на интегративните процеси кон Европската Унија.
Ние сме тука да го поддржиме процесот и да водиме битка со сите оние кои го попречуваат овој пат, било со одлагање, како што тоа го прави власта, било со одбивање, како што го прават некои опозициски партии, сложни се тројцата лидери.