Претседателот на Собранието, Африм Гаши информира дека локалните избори планирани за наесен, ќе бидат распишани во петок или сабота, на 8 или 9 август. Гаши истакна дека очекува фер и демократски избори, достоинствена кампања, политичка култура, натпревар на идеи и визии и посветеност кон граѓаните.
Изборите за членовите на советите низ општините, како и првиот круг за претседатели на советите и градоначалници, ќе бидат распишани за 19 октомври. Вториот круг од изборите ќе се одржи на 2 ноември.
Најдоцна 35 дена пред локалните избори, партиите мора да ги регистрираат своите кандидати за градоначалници и советници во општинските изборни комисии.
Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни. Карактеристично исто така за овие избори е што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право тоа ќе може да го направи само доколку допатува во земјата.
До крајот на месецот ДИК ќе го заврши случајниот избор на членовите на избирачките одбори од редот на администрацијата согласно податоците од Министерството за јавна администрација. За 3.500 избирачки места треба да бидат избрани 21.000 лица од администрацијата кои ќе бидат во избирачките одбори (ИО), кои во текот на септември ќе поминат комплетна обука за спроведување на изборите и ќе им бидат поделени прирачници. Дополнително ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН, како партии односно коалиција со најголем број гласови на минатите избори, во септември, согласно роковникот, треба да номинираат 14.000 членови за избирачките одбори. Составот на избирачките одбори се менува бидејќи на нивните членови им е истечен мандатот.