Претседателот на Собранието, Африм Гаши изјави дека процедурата за уставни измени е впишана во Уставот и Деловникот на Собранието. Секој кој ги исполнува условите може да покрене иницијатива.
Според Гаши, парламентарното мнозинство смета дека треба да има политичка волја и договор за кога да почне процедурата, да биде веднаш спроведена.
-Ние кога ќе сме сигурни за 2/3 од пратениците, ќе ја почнеме процедурата. Не е добро да се експериментира со такви постапки, кажа Гаши во изјава за новинарите.
Запрашан дали пропаѓа преизборното ветување на ВЛЕН за уставни измени до Нова година, Гаши вели:
„Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата. Секако имаше такви изјави. Тоа е комплексно прашање и не зависи од него политички сегмент и елемент. Коалицијата ВЛЕН стојат за тоа и ние, ако дојдат на дневен ред, би ги гласале и денеска. Мислиме дека треба заеднички да се договориме кога тоа е најдобро за државата и сите граѓани. Правиме максимални напори да ги донесеме кога ќе биде најдобро за Македонија и дека имаме предвидливост во процесот, односно да немаме повторно вето“.
Помина рокот од шест месеци кој коалицијата ВЛЕН го даде за отворање на Уставот и внесување на Бугарите. Уставните измени кои беа приоритет во предизборието сега може да почекаат. Од коалицијата претходно велеа дека не станува збор за притисок од партнерот во Владата – ВМРО-ДПМНЕ, туку поради политичката нестабилност во Бугарија и претстојните избори, седми во изминатите три години во соседната држава.
Во програмата на ВЛЕН, крајот на 2024 година беше посочен како краен датум за носењето на уставните измени.