Во врска со актуелните случувања поврзани со работата на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, попладнево соопштија дека тој се воздржува од коментари, апелирајќи да им се даде простор на надлежните институции да ја завршат својата работа без притисоци или влијанија.
Од Кабинетот на Гаши посочуваат дека внимателно ја следат ситуацијата и се залагаат за целосна правна разрешница, постапувајќи врз основа на принципите на правната држава и непристрасноста.
„Претседателот на Собранието ја почитува начелото на презумпција на невиност и независноста на судските институции и затоа се воздржува од какви било предвремени оценки. Сепак, доколку судски се потврдат одредени неправилности, тој ќе постапи решително и ќе иницира соодветни постапки во Собранието за утврдување одговорност“, наведуваат од Кабинетот.
Тие нагласуваат дека зачувувањето на довербата во институциите и нивниот интегритет е неприкосновено и дека секое сомневање за злоупотреба мора сериозно да се третира.
Во врска со случувањата, поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, изјави дека настанатата ситуација нанесува сериозен удар врз институцијата и побара претседателката на Комисијата да поднесе оставка за да се заштити угледот на телото. Според Ивановска, сега е на потег Собранието, кое има обврска да ја оцени работата и одговорноста на претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.