Гаши преку „Whatsapp“ ѝ испратил порака на Најчевска: Професорката ја објави интеракцијата

од Nikola Popovski
4,5K прегледи

Проферсорката и граѓански активист Мирјана Најчевска сподели со јавноста дека во текот на вчерашниот ден добила порака од новиот претседател на Собранието, Африм Гаши. Тој преку платформата „Whatsapp“ ѝ порачал на професорката дека е нејзин поранешен студент и дека се уште има голема почит кон неа, но ја критикува.

-Јас сум Африм Гаши ваш студент. Прочитајте го овој текст на Дерала и потоа ако сакате можеме да се слушнеме. Инаку сум бил ваш студент, можете да се распрашате за мене во ИСППИ каков студент сум бил затоа што очигледно сте ме заборавиле. Јас се уште имам голема почит кон вас и не сакам да ве гледам на вакво ниско ниво во кое сте потпаднале, стои во пораката на собранискиот спикер.

Најчевска истакнала дека не се сеќава на него како студент, бидејќи се сеќава само на тие кои ѝ оставиле впечаток. Според неа, Гаши не ја заслужува спикерската позиција во Собрание.

-Како прво, со оглед на тоа дека политичарот Африм Гаши не пружи ниту еден против аргумент со кој ќе објасни зошто смета дека е соодветен за дадената позиција и покрај апсолутно пасивниот однос во Собранието во изминатиот мандат, јас останувам на секој збор кој сум го кажала во врска со изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието. Според податоците со кои располагам (а кои ги има и на официјалната страна на Собранието на Македонија) тој со ниту една своја досегашна активност во Собранието и надвор од него не се покажал како човек кој ја заслужува оваа позиција и кој има капацитет да ја извршува. Во врска со изјавата за неговиот однос со Косово, сметам дека таа не би имала посебно значење доколку не е дадена токму од новата позиција на претседател на Собранието на Македонија. Доколку не е дадена од човек кој завзема клучна позиција во власта, таа би била само дел од општиот податок дека големо мнозинство од етничките Албанци во Македонија се идентификуваат со Косово а не со Македонија, стои меѓу другото во Фејсбук статусот на Најчевска.

Гаши вчера појасни дека неговата изјава, каде што наводно вели оти „Косово е негова татковина“ и којашто предизвика лавина реакции во јавноста, била искривена и погрешно протолкувана.

„Сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија“, вели претседателот на законодавниот дом.

Гаши посочи дека точната негова изјава, кажана во интервјуто била следнава: „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив“. Спикерот, настаната збрка ја објаснува со сложеноста на албанскиот јазик. Претходно, мандатарот Христијан Мицкоски рече дека ако Гаши навистина рекол оти Косово е негова татковина, тој треба да ѝ се извини на македонската јавност.

Слични содржини