Гаши призна дека „свадбарите“ поминале без проверка на границата со Косово: Ќе побара ли одговорност од Тошковски?

од Илинка Илиоска
63 прегледи

Собранискиот спикер, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите потврди дека со службеното возило патувал на свадба во Косово, но како што вели, немал избор затоа што така налагал законот.

Гаши исто така призна дека свадбарите со приватни возила на граничниот премин Блаце поминале без контрола од страна на полицијата и потврди дека одговорноста за тоа е кај Тошковски, кој е на чело на МВР.

-Ќе побара ли одговорност од Тошковски, ќе побара ли од било кого одоговрност за бројните скандали или ќе мјаука и понатаму во нивна заштита?”, велат од СДСМ.

Во однос на прашањето зошто не биле проверени патните исправи на свадбената поворка на границата со Косово, Гаши одговори дека тоа е работа на МВР и дека тој не може да застане да прегледува пасоши.

„Јас никогаш, од никого, не сум барал да го прекрши законот, МВР требало да си провери пасоши на граница. Јас прашав дали можам да одам со приватно возило, меѓутоа ми укажаа дека не можам, тоа би било прекршување на законот и дека секаде треба да бидам придружуван од моето обезбедување“, истакна Гаши.

Опозициската СДСМ, изминатата недела на серија прес-конференции изнесе детали за патувањето на собранискиот спикер и како колоната од возила која одела на свадба во Косово, на чело со службеното возило на Гаши, избегнале пасошка контрола. СДСМ тврдеше дека лицето за кое МВР и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, побараа одговорност не бил полицаецот што го овозможил преминот на границата без пасошка контрола.

„Според нашите информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука. Еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука заради наводна контрола, дошол на граничниот премин. Во суштина Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши сватовите“, истакнаа од СДСМ на прес-конференција.

Прашан дали се казнети полицајците од граничниот премин Блаце, Гаши рече дека тие прашања треба да бидат упатени до МВР.

СДСМ неколкупати потенцираше, по што и министерот Тошковски потврди, дека не биле евидентирани лицата од поворката ниту на влез, ниту на излез.

„Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот кој го обвинува Тошковски, раководителот на смена на Блаце, туку Рамука кој токму Тошковски го поставил за Началник на Центарот за гранични работи Север“, тврди СДСМ.

Слични содржини