Претседателот на Собранието и член на ВЛЕН, Африм Гаши во интервју за косовската „РТК“ изјавил дека најголемиот предизвик за новата влада е гласањето на уставните измени, особено поради позицијата и ставот на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме различни позиции со ВМРО по ова прашање. Албанските партии, без разлика дали се позиционирани или опозициски, веднаш и безусловно би гласале за уставните измени. Немаме никакви услови и го имаме францускиот предлог што го изгласавме во парламентот. Кога и да се отвори прашањето, верувам дека секој Албанец ќе гласа за тоа, но ВМРО која доби гласови за ова прашање и рече дека за ова прашање мора да се добијат гаранции, со оглед дека неколку пати го менуваме уставот и нема гаранции за затворање на сите овие барања. Ќе се обидеме заедно со нив да разговараме, како и со меѓународниот фактор и да најдеме решение. Наоѓањето решение е заеднички интерес на нашата држава, партиите и сите граѓани“, изјавил Гаши.
Гаши признал дека вклучувањето на движењето Самоопределување на премиерот на Косово, Албин Курти, во изборниот процес во земјава, ѝ помогнала на коалицијата ВЛЕН да добие голем број гласови.
Тој ја обвинува ДУИ поради тоа што не го избрале првиот претседател Албанец на Македонија, притоа нагласувајќи дека и целосната употреба на албанскиот јазик е прашање што бара итно решение.