Гаши во Вашингтон: Свесни сме дека сме земја-членка на НАТО во фрагилен регион каде има многу малигни надворешни влијанија

од Nikola Popovski
226 прегледи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својот говор на Парламентарниот самит на НАТО што се одржува во Вашингтон, оцени дека нашата земја се наоѓа во кревок регион каде има малигни влијанија, ветувајќи дека остануваме посветени на унапредувањето на регионалните политики за стабилност.

„Свесни сме дека сме земја-членка на НАТО во фрагилен регион каде не се сите држави членки на НАТО или имаат различен степен на партнерство со Алијансата, но и многу малигни надворешни влијанија, но ние и понатаму остануваме посветени во промовирање на атмосфера и политика на регионална стабилност. Тоа го реализираме преку продолжување на конкретниот придонес во НАТО операцијата КФОР во Косово, а во светло на актуелните безбедносни предизвици активни сме во НАТО мисијата во Ирак и безрезервната поддршка на Украина. Овие предизвици, исто така, наметнуваат подигнување на единственото и суштинско ниво на партнерство со Европската Унија за зајакнување на нејзината стратешка комплементарност со НАТО. Сите земји-членки и нивните парламенти треба да посветат посебно внимание на структурниот дијалог НАТО-ЕУ кој вклучува отпорност, заштита на критичната инфраструктура, континуирана поддршка за Украина и подобрување на капацитетите на одбранбената индустрија. И секако, сакам да ја спомнам и потенцирам важноста на нашата гласност, гласноста на парламентите и парламентарците, како незаменлив демократски инструмент за калибрирање на сите граѓански потреби и приоритети – без парламенти, владите се немоќни во остварувањето на дефинираните стратешки цели. Во овој контекст, сакам да ја истакнам незаменливата улога и придонес на Парламентарното собрание на НАТО, поврзаноста меѓу парламентите и луѓето од Алијансата и НАТО“, рекол меѓу другото Гаши.

На овој Самит, на кој се одбележува 75-годишнината од основањето на НАТО, претседателот на Собранието им честитал на Шведска и на Финска за нивниот прием и оценил дека оваа одлука ја зајакнала најмоќната Алијанса во светот.

„Поздравувајќи го овој јубилеј, дозволете ми искрено да им честитам на Шведска и Финска за приемот во НАТО, со што значително ја зајакнавме Алијансата. Собранието на Република Северна Македонија пред неколку месеци ја одобри Декларацијата со која ја одбележавме четвртата годишнина од членството на земјата во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата, со која покажавме свест за одговорноста за исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и придонесот за постигнување колективна заштита. Истовремено, како Собрание од почетната фаза дадовме поддршка и се уште стоиме на заедничката одлука на Парламентарното собрание на НАТО за заштита на заедничките демократски вредности преку формирањето на Центарот за демократски отпор во седиштето на НАТО, кој што беше потврдено уште еднаш преку Декларацијата одобрена на Пролетната сесија во Софија“, изјавил Гаши.

Слични содржини